Владата го задолжила Министерството за внатрешни работи целосно да го покрие со обезбедување објектот во кој се наоѓа Специјалното обвинителство, изјави денеска премиерот Никола Груевски.
- На денешната седница Владата донесе заклучок и го задолжи МВР да овозможи 24-часовно обезбедување на објектот каде што се наоѓа специјалниот јавен обвинител. Да го покрие целосно со обезбедување. Министерот потенцираше дека досега се што побарала обвинителката во однос на обезбедувањето и било овозможено. Му кажавме доколку нешто повеќе побара во однос на обезбедувањето на објектот да и биде овозможено, изјави Груевски.
Службата за општи и заеднички работи, како што информираше премиерот Груевски, целосно ќе се стави на располагање на Јавното обвинителство.
- Покрај ова, ја задолживме Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), која ги снабдува сите државни институции со сметководители, кафекувари, хигиеничари, возачи итн., целосно да се стави на располагање на специјалната јавна обвинителка. Се што им е потребно, бидејќи беше спомнато во јавноста, СОЗР како и за сите други институции да обезбеди и за нив, рече Груевски, кој денеска ја посети локацијата Медицинар каде што ќе се гради нов студентски дом.