Премиерот Никола Груевски денеска по барање на новинарите појасни дека македонскиот министер за надворешни работи подолг период комуницира со неговите колеги од Србија, Турција, Словенија, Црна Гора и најверојатно Хрватска, во врска со идејата односно можноста за споделување заеднички дипломатски објект-амбасада со некоја друга земја во рамки на заштедите во македонската дипломатија.
- Идејата не е заедничка дипломатија. Тука нема никаква политичка заднина има чиста финансиска заштеда и ништо повеќе од тоа, истакна Груевски по промоцијата на новите книги од едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“.
Целта е, подвлече, да се заштеди на простор, да се користат заеднички простории, а не е да имаме заедничка дипломатија.
- Се разбира дека нашите дипломатски мисии ќе бидат засебни и нема да делуваат заеднички, но заради заштеда на финансиски средства за ќирии, идеата е некаде ние да отстапиме каде што имаме поголем простор за влез на дипломатски претставници на други држави, а некаде тие нам да ни отстапат, појасни премиерот груевски, додавајќи дека на тој начин би моежеле да имаме и дипломатски претставништва и во оние држави каде што сега нема.